Хорор во Скопје -- соседите убиле тригодишно девојче, на мајката и јавиле дека паднало по скали Убиено тригодишно девојче. Соседите го претепале до смрт, па на мајката и јавиле дека паднало по скали. Таа веднаш се вратила од работа и повикала брза помош, но лекарите само констатирале смрт. 23.03.2014 15:38 Куќата на стравот која се наоѓа спроти скопски Бит Пазар ја делат три семејства. Хоророт се случувал на вториот кат. Жителите на првиот ниту виделе ниту чуле нешто. Не сакаа да зборуваат пред камера, но велат дека имале подолги меѓусоседски недоразбирања. Со години не разговарале.
Обдукцијата покажала дека девојчето имало крварење, повеќе повреди на внатрешните органи и неколку скршеници. Од извори во истрагата Алфа дознава дека било претепано со електричен кабел.
Полицијата уапси 34 годишен маж кој е првоосомничен и неговата 23 годишна сопруга која е второосомничена. Се товарат за убиство односно помагање.
„Полицијата презема натамошни мерки за расветлување на случајот. Девојчето не било пријавено и евидентирано во матичните служби, а ни дел од останатите жители во куќата не биле евидентирани" вели Марија Јаковлеска, портпарол на СВР Скопје
Таткото на убиеното девојче е во затвор, а мајката кога одела на работа го оставало само со малку постарите братче и сестричка. Тие заедно со трите деца на уапсените соседи се згрижени од социјалните служби.
Во Првата детска амабасада велат дека се згорезени од зачестените насилства врз децата. Бараат институциите да ја зајакнат контролата и да ги зголемат санкциите.
„Жално е за едно општество кога се сведува само на констатирање бројки и состојби на злоупторебени,силувани и убиени деца без да се преземат мерки за поголема превензија и заштита" вели Драги Змијанац, Прва детска амбасада во светот Меѓаши.
Пред само една недела 7 месечно бебе беше оставено на хауба од автомобил од страна на неговиот татко. Полицијата ги пронајде одговорните, најверојатно ќе им биде одземено родителското право. Се уште се свежи сеќавањата и на малиот Најден кое пред една година со исечен јазик беше фрлено во двор во скопско Арачиново. По неколкумесечна борба Најден почина.